Канадската компанија „Еуромак ресурсис“ и Министерството за економија минатата недела го потпишале договорот за концесија на рудникот „Иловица“. Конкретните активности за експлоатација, според министерот Ваљон Сарачини, се очекува да почнат многу скоро, а според инвестицискиот план концесионерот ќе вложи од 500 до 700 милиони евра. Сарачини посочи дека „Иловица“ располага со 120 тони злато и 700.000 тони бакар што е само 30 отсто од вкупното концесиско поле. Ако продолжат истражувањата и во останатите 70 проценти од концесиско поле, постои голема веројатност да се најдат и други резерви на злато и бакар. Пред два месеци, со инвестицијата на „Еуромак ресурсис“ во нов рудник за бакар и злато ќе се заокружат осумгодишните геолошки истражувања на планината Огражден кај струмичкото село Иловица.
Канадската компанија „Еуромак ресурсис“ и Министерството за економија минатата недела го потпишале договорот за концесија на рудникот „Иловица“.
Конкретните активности за експлоатација, според министерот Ваљон Сарачини, се очекува да почнат многу скоро, а според инвестицискиот план концесионерот ќе вложи од 500 до 700 милиони евра. Сарачини посочи дека „Иловица“ располага со 120 тони злато и 700.000 тони бакар што е само 30 отсто од вкупното концесиско поле.
„Ако продолжат истражувањата и во останатите 70 проценти од концесиско поле, постои голема веројатност да се најдат и други резерви на злато и бакар“, истакна Сарачини.
Како што пишуваше „Утрински весник“ пред два месеци, со инвестицијата на „Еуромак ресурсис“ во нов рудник за бакар и злато ќе се заокружат осумгодишните геолошки истражувања на планината Огражден кај струмичкото село Иловица. Испитувањата потврдија дека на оваа локација се кријат резерви од 505 милиони тони руда, со што се потврдија претпоставките дека на Огражден има импозантни резерви на бакар и злато кои се најголеми во Југоисточниот дел на Европа.
Според елаборатот направен од компанијата, во услови на проектирана годишна експлоатација од 20 милиони тони руда, рудникот, со сега утврдените резерви и резервите кои допрва ќе се утврдуваат, ќе може да работи над 50 години. Двата најголеми рудници за бакар во Југоисточна Европа се во Бугарија. Тоа се „Асарел“ и „Елаците“, кои на годишно ниво преработуваат по 12 милиони тони руда, за осум милиони помалку од проектираната вредност на „Иловица“. Единствениот македонски рудник за бакар и злато „Бучим“ има за петпати помало годишно производство од она кое ќе го остварува новиот рудник со кој ќе бидат оддалечени само 40 километри.
Комплексот „Иловица“, според проектот, ќе зафаќа површина од 15 квадратни километри од кои 11 километри ќе бидат под објекти. Во овој рудник ќе има меѓу петстотини и илјада вработени, што ќе зависи од технологијата со која ќе се работи. „Иловица“ ќе има и индиректно значење за развојот на регионот бидејќи за своите активности ќе поврзува и многу други фирми со што бројот на семејства кои економски и социјално ќе профитираат ќе биде значително поголем.